ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Поради скапата струја Охридското езеро ќе се полни со нетретирана фекална вода

Поради скапата струја Охридското езеро ќе се полни со нетретирана фекална вода

Поради високите сметки за струја кои почна да ги добива Јавното претпријатие Колекторски систем, може да дојде до еколошка хаварија на Охридското езеро, поради неможноста претпријатието да ги плати. Тоа може да доведе до исклучување на колекторскиот систем од струја. Сите препумпни станици, вкупно 18 на број, работат на електрична енергија и може сите во еден ден да бидат исклучени.

„Од страна на добавувачот, во неможност да се исплати во целост сметката за електрична енергија, може да дојде до исклучување во одреден временски период, во којшто ние ќе мора да постапиме….“, изјави Владимир Алексиески- директор на ЈЛ Колекторски систем.

Последната сметка за струја која јавното претпријатие ја добило е 8,5 милиони денари, а претходно сметката била 1,6 милиони.

„…Моментално сметките за електрична енергија кои ги добиваме се за 700 пати поголеми од ланските сметки. Како за споредба, од 3,6 денари по киловат, последната сметка ни беше 28 денари по киловат…“, рече Владимир Алексиески- директор на ЈЛ Колекторски систем.

Екологистите предупредуваат дека ова неработењето на системот за прочистување на отпадната вода ќе значи директно излевање на фекалии во езерото.

„Влијанијата на сливот на Охридското езеро и квалитетот на водите е пред сè од притоките, реката Сатеска и Коселска во најголема мера и реките Грашница и Черава. Главните ризици се од внесување на нутриниенти, внесот на нанос, отпадни води, загадување со тешки метали и внес на отпадни води од хемиски супстанци и од масла од пловните објекти кои се во езерото“, нагласи Ѓоко Зороски-екологист.

Стравувањата се уште поголеми ако се знае дека доаѓа зима, а сметките за струја сигурно ќе бидат поголеми. Дополнително, јавното претпријатие има долг од околу 1 милион евра за неплатени сметки за струја.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button