Постапка за стручен надзор на детска клиника

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) бара спроведување на стручен надзор за начинот на кој е лекувано седуммесечното бебе кое пред четири дена почина на клиниката за детски болести во Скопје. Комисија при Министерството за здравство ќе треба да одлучува дали имало лекарска грешка во овој случај. Инспекторите два дена беа на терен, а утврдено е дека и покрај укажувањата од нивна страна, на клиниката и натаму дежураат само специјализанти.
„Утврдена е потреба до министерот за здравство согласно член 6 став 2 од Законот за санитарната и здравствената инспекција како и член 296 од Законот за здравствената заштита, да се иницира постапка за стручен надзор над лекувањето на седуммесечното бебе. Констатирано е и дека клиниката се уште не е решен проблемот со задолжително присуство на специјалист во дежурната амбуланта, а за кое во ДСЗИ се води прекршочна постапка“, велад од ДСЗИ.
Во однос на фактичката состојба и лекувањето на бебето, утврдено е дека детето во клиниката за детски болести првпат било донесено на 9 декември поради висока температура и осип по целото тело од пред една недела. По преглед од специјализанти, а во консултација со специјалист, детето било упатено на дополнителни испитувања. По добиените резултати, бебето било испратено на домашно лекување, но на 11 декември состојбата повторно му се влошила.
„На 11 декември во вечерните часови, детето повторно е донесено на клиниката и заради влошената клиничка слика, хоспитализирано на Одделот за неврологија. Креирани му се упати за повеќе испитувања, а на дна 13 декември заради натамошно влошување на здравствената состојба трансферирано на Одделот за интензивна нега и терапија. По стабилизирање на состојбата повторно е вратено на Одделот за неврологија каде престојувало неколку часа по што повторно е вратено на ОИНТ каде се направени дополнителни радиолошки, ехогравски и други лабораториски испитувања кои укажуваат на тешка општа состојба на детето која во вечерните часови на 15-ти декември завршува со егзитус“, додаваат од ДСЗИ.
Починатото седумесечно бебе ја зголеми загриженоста во јавноста, бидејќи за многу краток период од околу три месеци, на детската клиника починаа три деца. 14-месечно бебе почина од брохоневмонија додека родителите упорно барале помош од една во друга болница, а за овој случај надлежна Комисија утврди дека докторите на детската клиника и оние во Козле направиле превид при проценката за неговата состојба. Претходно пак починаа две новороденчиња – едно од Струмица кое имало само 8 дена, како и четиримесечно бебе од Струга.
Мијахло Донев