ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Повеќе од 4400 работници не добиле К-15

Повеќе од 4400 работници не добиле К-15

Над 4400 работници во Сојузот на синдикати на Македонија пријавиле дека се уште не добиле регрес за годишен одмор, познат како К-15. Овие работници не се синдикално организирани во компаниите во кои работат, и тука е најголемиот проблем велат од  најголемото синдикално здружение ССМ, кои напоменуваат дека ќе им помогнат во борбата да ги остварат своите работнички права. Инспекторите веќе прочешлале поголем дел од газдите кои се уште не исплатиле К-15. Инспекторатот за труд веќе извршил близу 500 надзори и наложил дека 190 работодавачи мора да исплатат регрес на вработените. Онаму каде има синдикат во приватните форми,  засега нема поплаки.

„Од кога ќе се задолжи работодавачот со оваа пријава од Државниот инспекторат за труд, истиот е должен не само да ја плати казната за неисплатен К-15 туку да го исплати и регресот за годишен одмор. Верувајте дека огромни се казните, не само парични туку следува и затворска казна од три месеци до една година за оние работодавачи кои направиле злоупотреба , или не исплатиле или го исплатиле и повторно го барале назад, да им се врати од страна на вработените“, рече Иван Пешевски ССМ.

Алсат побара став и од Организација на работодавачи, од каде упатија апел до сите совесни колеги да си ја завршат обврската и да исплатат К-15 на своите вработени ако работат профитабилно.

„Ова е еден услов, еден начин, ние како работодавачи да ја покажеме нашата лојалност и обврска кон работниците. Компаниите од приватниот сектор освен што се соочуваат со сериозен проблем во работењето, сите ги знаеме зголемените цени на струјата  и на репроматеријалите, но обврската која ја имаме по основ на К-15 ја исполнуваме во целост“, изјави Владанка Трајковска претседателка на Организација на работодавачи.

Обврската за исплата на К-15 е до крајот на календарската година. Ова право го има секој работник кој е во една фирма повеќе од шест месеци. Според правилата, треба да се исплати најмалку 40 отсто од просечната плата во моментот, која сега изнесува 31 831 денар, што значи дека К-15 годинава изнесува најмалку 12 740 денари./Alsat.mk

Иле Петревски

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button