ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Познати темите за заедничката владина седница со Бугарија

Железницата, авионската линија, културните активности, ќе бидат дел од темите на заедничката седница на владите на Македонија и Бугарија. закажана за вторник во Софија. Бугарскиот премиер Кирил Петков истакна дека сега е создадена можност да се надомести сето она што не било сработено изминативе триесет години, одново споменувајќи рокови.

„Сите вие ќе се сретнете со вашите колеги од Република Северна Македонија и ќе направиме еден реален план со реални постигнувања, кои треба да ги достигнеме во следните шест месеци, на средбите кои очекувам да бидат на неделна основа кај работните групи. Се радувам од она што се случи на првата посета и со пристапот со кој продолжуваме нема да губиме ниту минута време“, рече Петков.

Додека премиерот останува да ги потенцира економските прашања, ставајќи ја историјата во втор план, бугарскиот претседател Румен Радев повтори што е клучно за деблокада на евроинтеграцијата.

„Има многу позитивни сигнали од таа посета. Но, се надевам дека заедно со сите заложби за подобрување на поврзаноста, инвестициите, економија и соработка да не ги заборавиме основните прашања кои треба да бидат решени и реално ќе ја отклучат вратата за почеток на преговори“, рече Радев.

Во Скопје пак, интензивно се разговара за личноста која ќе ја пополни амбасадорската фотелја во Софија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во интервју за БТВ кажа дека е голем пропуст што долг период земјата нема амбасадор во Бугарија. Ваквата улога досега, барем во политичкиот дел, ја надомести специјалниот претставник на Владата, Владо Бучковски, кој од неодамна се збогува со функција. Бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека со македонските власти зборувал за ова прашање и му било посочено дека наредниот амбасадор ќе биде „млад човек, бизнис-ориентиран“.

Наспроти ваквиот став на власта, претседателот на Комисијата за надворешни работи и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски вели дека амбасадорот треба да е кадар од МНР.

„Искусен дипломат од редовите на МНР, кој зад себе имал успешен амбасадорски ангажман во друга држава, би можел да биде солидно решение за амбасадор на Македонија во Софија“, рече Милошоски.

Последен амбасадор во Софија беше Марјан Ѓорчев, кому мандатот му истече во април 2020-тата година.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button