ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Празни ветувања на Владата, автопатот кон Охрид останува небезбеден

Поради продолжениот рок за изградба, уште најмалку две години ќе продолжи и голготата на лицата и фирмите кои патуваат или транспортираат кон Охрид и Струга и кои со години возат по незбезбеден пат. Причината за новото пролонгирање на крајниот рок за завршување на работите до крајот на 2026 година, власта сега го правда со 13 нови свлечишта кои се појавиле на делницата. Автопатот Кичево-Охрид, за кој досега се потрошени дури 600 милиони евра, се гради од 2014 година. Актуелната власт изминативе години постојано ја убедуваше јавноста дека 57 километри долгиот автопат ќе биде готов до декември 2023.

„Одговорен патот да биде готов во јануари 2024 си ти како министер за транспорт и врски и затоа Благоја еве го тука – стани Благоја да те видам. Сите дајте му поддршка затоа што јануари 2024 година по тој пат мора да се вози!“, велеше во 2022 година премиерот Димитар Ковачевски.

Ветувања даваше и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, кадар на ДУИ. Тој пред две години негираше дека изведувачот на автопатот, кинеската компанија Синохидро, побарала рокот да се продолжи до 2026.

„Не, не е така. Јас сум во постојана комуникација со компанијата Синохидро. Договорот за изградба е до 31 декември 2023 година…“, рече Рустеми.

А, еве што ветуваше и министерот Бочварски, откако во 2021 беше продолжен договорот со Синохидро.

„…До 31.12, со добра организација, со многу работа на терен, со многу механизација и многу луѓе, може да се заврши овој автопат“, ветуваше Благој Бочварски во 2021 година.

Откако ништо од ова не беше остварено, сега има и нов рок. Алсат излезе на теренот деновиве, но таму нема ништо ново. Долж трасата има многу малку работници и на само неколку локации. Според експертите по безбедност, ваквата долгогодишна состојба на автопатот е недоволива.

„Ние со самото излегување на овој автопат сме небезбедни. И не можеме веќе ние да говориме дека заради ова или заради она овој не завршил, тој не извршил… тоа е недозволиво веќе. Ние мора да го решиме“, рече Љупчо Милкоски, експерт по безбедност.

А, освен што државата не може 57 километри автопат да изгради за цела една деценија, дополнително Државниот завод за ревизија откри дека за само еден километар од автопатот, се трошеле по 9 милиони евра.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button