ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Претседателот во иднина ќе може да помилува само лица со пресуда

Со новото законско решение за помилување ќе може да се помилуваат само лицата за кои завршила судската постапка. Во иднина, претседателот на државата нема да може да помилува лица кои се осомничени или обвинети, туку само оние за кои има правосулна судска пресуда дека сториле одредено кривично дело. Ова го најавува министерот за правда, Никола Тупанчевски кој изјави дека е подготвено целосно ново законско решение за да нема различни толкувања за помилувањата, бидјеќи според него тоа го овозможувало актуелното законско решение.

„Примената на тој закон навистина покажа дека навистина постојат одредби коишто различно се интерпретираат. Во таа насока, се обидовме и се обидуваме да се сведат на минимум таквите можности за различното толкување на законот, така што дадени се прецизни критериуми се знае точно кои институции до каде се надлежностите и ингеренциите и практично се амолирани сите оние потенцијални можности за злоупотреба на законот за помилување“, рече Тупанчевски.

Дел од правната фела стравува дека новото законско решение за помилување може да се злоупотреби за политички цели, а за да се избегне ова, предлагаат во комисиите за помилување да бидат вклучени и судиите.

„…бидејќи одлуките во име на народот ги носат судиите, а судиите не парципираат во дел на помилувањето. И тоа е многу битен елемент, бидејќи од една страна ќе имаме одлуки кои се донесени од судот, а од друга страна, ќе имаме политичко помилување на одредени лица врз основа на одредена комисија од Министерство за правда што не е во ред…“, рече Тони Менкиновски, адвокат.

Во земјава има низа примери на ослободени граѓани за кои судските постапки не се завршени. Последен пример е случајот 27 април за кој се донесе посебен закон со кој се амнестираа од кривична одговорност дел од осомничените за упадот во собранието, меѓу кои и пратеници. Претходниот претседател на државата, Ѓорѓе Иванов, пак донесе аболиција на 56 поранешни функционери кои беа осомничени во предметите на СЈО. Дел од нив, беа и екс – разузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошковски кои избегаа во Грција, а иако државата бараше нивна екстрадиција, судот во Грција се повика на аболицијата од Иванов и не ги испорача назад.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button