ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Принуден одмор во „Водовод-Охрид“, ова е причината…

Вработените во јавното претпријатие Водовод-Охрид, вкупно 230 на број, наизменично се праќаат дома со 70% плата. Станува збор за една од мерките кои фирмата ги презеде поради високите фактури за струја. Поради ова се соочуваат со проблемот не само да не можат да ги подмират долговите, туку и да поделат плати за вработените.

„Донесовме една програма за 70%. Меѓутоа ја носиме како начин евентуално да можеме да интервенираме во случај јавното претпријатие да остане без струја во делови каде функционираат наплатните центри, административната зграда, како во тој момент би се заштитиле. И да видиме во иднина какви се финансиските ефекти од таа мерка“, рече Марјан Ристески- директор на ЈП Водовод.

Последните две сметки се алармантни. За август претпријатието треба да плати 21 милион денари, што е околу 350.000 евра.

„Тоа е некаде околу две и пол плати за вработените или во споредба со цела 2020 година исплатено е за електрична енергија 24 милиони, а само во август сега имаме 21 милион…“, додава Ристески.

Од јавното претпријатие не исклучуваат во следниот период да мора да има и отпуштања од работа, што би била, велат, крајна мерка. Според нивните пресметки, со сегашната цена на струјата, која инаку се троши за пумпните станици, цената на водата би требало да се зголеми за најмалку 100 до 120%. Засега долгот за струја на Водовод-Охрид изнесува околу еден милион и 100 илјади евра, додека вкупниот долг кон разни добавувачи е 5 милиони евра.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button