ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Продолжува предизборната кампања за парламентарните избори

Продолжува предизборната кампања за парламентарните избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, најавувајќи дел од ветувањата, му одговори на Али Ахмети за изјавата дека волјата на граѓаните одлучува кој ќе биде дел од наредната Влада, а не Мицкоски. Според Мицкоски, Ахмети пред јавноста се претставува како идеолог, а во меѓувреме испраќа емисари и сака безусловно да влезе во коалиција со ВМРО.

„Јас жалам што Али Ахмети во јавноста сака да се претстави како идеолог и многу силен, а во позадина ми праќа емисари и би рекол безусловно сака да влезе во идна коалиција со ВМРО ДПМНЕ, жалам што Али Ахмети се опкружи со луѓе кои и него го злоупотребуваат, за да прават условно кажано криинал и да ја ограбуваат Македонија и жалам што Али Ахмети опкружувајќи се со овие луѓе наместо да заврши како политички пензионер и идеолог, тој ќе завши како соучесник во криминал со неговите соработници, кои што набргу од денеска, македонската јавност ќе биде сведок, затоа што имаме голем број докази. Народот кажа идната коалиција во Македонија ќе ја предводи ВМРО ДПМНЕ, а во неа ќе настапи коалцијијата ВЛЕН”, рече Христијан Мицкоски – ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети денеска од Струга ги повика и Македонците да гласаат за Европскиот фронт. Тој на средба со граѓаните нагласи дека на 24-ти април, фронтот кој го предводи се натпреварувал со опозициската коалиција „Вреди“, но сега, на осми мај, битката е со ВМРО-ДПМНЕ. Според него, Европскиот фронт нуди попрогресивна идеја за државата.

„…Нашата филозофија е попрогресивна за државата, за сите граѓани на Македонија. Бидејќи Албанците си одат од државата, а си заминуваат и Македонците. Со патриотизам сега не се напредува, а ако на ВМРО му е смачено зашто јас велам „ОНА-ОНА“, ќе треба да знаат дека ОНА ја спаси Македонија“, изјави Али Ахмети, Претседател на ДУИ.

Презентирајќи ги дел од економските мерки, Изет Меџити од коалицијата „Вреди“ во одговор на новинарско прашање истакна дека никој нема дилема кој ќе ја составува новата Влада – тоа ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, а ДУИ сака по секоја цена да биде дел од новата власт, но, како што додава, овојпат ДУИ нема аргументи.

„Од ДУИ сите бегаат како од корона. Од ДУИ бега и ВМРО-ДПМНЕ, од ДУИ бега и Максим Димитриевски, не сака Влада со нив, на ДУИ и екс-премиерот Ковачевски им е налутен оти некоректно играа и со него. Значи и Социјалдемократскиот сојуз не сака со ДУИ. По се изгледа, ДУИ ќе остане во опозиција со Левица.
„Стево Пендаровски и Бујар Османи освоија вкупно 300 илјади гласови. Ако го гледате резултатот што го одлучија граѓаните, а тоа е резултатот на Гордана Силјановска Давкова, идниот претседател, и да речеме градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, тоа е близу 450 илјади гласови, што значи за еден и пол пати повеќе. Одлучија граѓаните“, додаде Изет Меџити – коалиција „Вреди“.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски пак, истакна дека ако ДУИ сака да види како се гради мултиетничка држава, со што им била, како што вели, полна предизборната програма, треба до ја види разноликоста во раководството на СДСМ.

„Денес секој може слободно да го каже своето мислење. Оганот кој деновиве гледаме кој го распалуваат ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ по стариот рецепт до 2016 година може многу лесно да ги потпали тензиите кои успешно ги надминавме и ги оставивме во минатото. Ова го кажувам од најмултиетничкиот град во државата, во Гостивар“, нагласи Димитар Ковачевски – СДСМ.

Вчера пак, на митинг во Прилеп, претседателот на Левица, Димитар Апасиев порача да се стави крај на гласањето за, како што нагласи, помалато зло и е дојдено време да се спречат штетните политика. Тој кажа дека резултатите од првиот круг од претседателските избори биле очекувани, а парламентарните избори ќе донесат двоцифрен број на пратеници за Левица./Алсат.мк

Лука Андрев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button