Продолжуваат контролите на угостителските објекти, затворени локали во Тетово и Гостивар

При полициска акција во тетовскиот и гостиварскиот регион затворени се два угостителски објекти од вкупно 16 што беа проверени. Од МВР велат дека во соработка со финансиската полиција, Државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување извршиле контроли во неколку објекти за попречување на криминални активности, за трговија со дрога, посредување во проституција, перење пари и други коруптивни дела.
МВР:
Извршени се увиди во 16 угостителски објекти, 10 во Тетово и 6 во Гостивар, при што се констатирани голем број неправилности и Пазарниот инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување ќе изречат соодветни кривични пријави, додека инспекторатот затвори два објекти во Тетово.
Овие контроли се продолжение на полициските акции, по трагедијата во Кочани со 59 жртви. Владата вчера соопшти дека од 12-те објекти кои биле контролирани и имале активни лиценци, три од нив не ги исполнувале минималните технички услови за работа и ќе им бидат одземени лиценците. Дополнително, против нив ќе бидат изречени и парични казни. Од Владата соопштија дека на терен има над десет екипи, а ќе бидат проверени и субјекти кои немаат важечка лиценца, а работеле во изминатиот период. Досега се извршени контроли на повеќе од 60 објекти, од кои повеќето не ги исполнуваат условите за работа. Од списокот што вчера го објави Министерството за економија, од 215 ноќни клубови, само 22 имаат важечки лиценци.
Зекирија Хаџиу