ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Протест на административци, бараат раст на платата за 30%

Вработени од неколку државни институции денеска протестираа пред зградата на Министерството за финансии. Се жалат дека 70 отсто од вработените во Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм земаат плата која е пониска од просечната, која изнесува 34 илјади денари. Разликата во плата на овие лица е дури 10 илјади денари со вработени во други институции кои работат иста дејност. Од надлежните бараат да не се дозволи нерамноправен третман на вработените во државните институции.

„Веќе имаме изготвено Предлог-текст на колективниот договор, кој предвидува објективно и коректно покачување на платите на вработените, за кои минатата година Министерството за финансии даде негативно мислење“, рече Бранко Костовски, претседателот на Синдикат Министерството за култура при УПОЗ.

Револтираните вработени велат дека Министерството за култура ја сервисира работата на 70 национални и 49 локални институции. Само за конкурси низ нивните раце годишно поминуваат околу пет илјади апликации.

„Еден помлад соработник во Министерство за култура зема 22 илјади денари. Со новото покачување на минималната плата и со стажот, колеги со средно школо веќе се изедначуваат и земаат повеќе од луѓето што завршиле факултет што завршуваат работни задачи со повисок степен на одговорност“, рече едно од анкетираните лица.

Прашање: „Со колкаво покачување вие би биле задоволни?“

„Па, 30 отсто, 10 или 12 илјади денари.“

На средбата со министерот за финансии, Фатмир Бесими им одговори дека Владата презема мерки за раст на платите и заштита на стандардот на граѓаните.

„Податоците објавени од Државниот завод за статистика регистрираат раст на просечната нето плата во скоро сите дејности“, наведуваат од Министерството за финансии.

Но, според УПОЗ, предлог-законот за плати во јавниот сектор е противуставен бидејќи му дава премногу моќ на министерот за финансии и бараат итно да се повлече. Власта пак, тврди дека со новиот закон ќе се дојде до трајно решение за платите на административците и јавните службеници.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button