ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Рестрикции за вода во Струга, охриѓани црпат вода од езерото!

Поради намалување на капацитетот на изворите, охриѓани сега се снабдуваат со вода за пиење директно од Охридското езеро, од каде стигнуваат најголеми колични вода. Ако до неодамна, водата од езерото се користеше само во текот на летото поради напливот на туристи, сега потреба за тоа има преку целата година. Таа вода претходно се филтрира и хлорира и потоа доаѓа до крајните потрошувачи.

„Најмногу вода испорачуваме од станицата кај Макпетрол, во должина од 450 метри. На длабочина од 50 метри испумпуваме вода. Таму имаме филтри од израелско потекло, што го запираат планктонот за да биде водата добра за пиење. Економски неисплатливо е да се црпи вода, ако имаме по слободен пат вода. Пумпите не оптеретуваат со многу струја“, рече Светозар Стефановиќ-директор на ЈП Водовод Охрид.

Експертите сметаат дека водата од езерото е  со висок квалитет, најчесто меѓу прва и втора класа.

„Но за тоа постојано да се прави, постојано да се користи таа вода за пиење, треба една сериозна студија да се направи, затоа што со користење на водата од Охридското езеро во текот на целата година, треба да се пресмета капацитетот кој е потребен на граѓаните. Мислам дека ќе се наруши и еко системот“, вели Сашо Точков- директор на Центар за јавно здравје Охрид.

За разлика од Охрид, Струга има уште посериозен проблем со водата за пиење, бидејќи таму не постои можност за користење на вода од езерото како алтернатива.

„Уште пред неколку години доставив идеја до општина Струга за користење на подводни извори од езерото, на потегот кај селото Калишта, со поставување на пумпна станица и соодветни филтри за прочистување. Потребно е само изработка на техничка документација. Целата инвестиција би изнесувала околу половина милион евра. На тој начин ќе има 4 пати повеќе вода од потребното во Струга“, вели Ваит Ајро- експерт за води.

Од јавното претпријатие Водовод и канализација во Струга за Алсат рекоа дека од 22 часот до 5 часот наутро веќе вовеле рестрикција на вода во градот. Изворите во Шум и Горна Белица, биле со драстично намален капацитет, и ако за најмногу две недели нема подобрување, ситуацијата може да биде уште покритична. Во моментот вкупната нивна издашност е само 120 литри вода во секунда, а во нормални услови таа помеѓу 180 и 220.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button