СВЕТ

Русите повторно му се нафрлија на Киев, најмалку две жртви

Русите повторно му се нафрлија на Киев, најмалку две жртви

Киев денеска беше цел на руски гранатирања. Украинските власти објавија дека најмалку две згради биле бомбардирани при воздушни напади.
Жителите на погодените згради велат дека немале време ниту да се евакуираат откако ги чуле сирените за опасност.

„Слушнав експлозија, се разбудив и со свои очи видов ракета. Објектот што беше погоден пред мене беше уништен за неколку секунди. При следниот удар летнав неколку метри назад поради детонацијата. Додека ги земав кучињата, слушнав уште една експлозија и легнав на подот. Штом ситуацијата се смири станав и се стрчав кон излезот. Таму слушнав уште една експлозија“, рече Богдан, локален жител.

Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, дојде на местото на бомбардирањата.

„Две лица се хоспитализирани, но нивната состојба е добра. Во потрага сме по други луѓе, но како што се гледа, во зградите има многу чад и многу урнатини. Знаеме дека сè уште има луѓе таму бидејќи ги слушаме нивните крици и повици за помош“, рече Витали Кличко, градоначалник на Киев.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најавувајќи го своето учество на Самитот на Г7 и Самитот на НАТО во Мадрид рече дека сите градови окупирани од Русите ќе бидат вратени.

„Ќе ги вратиме сите наши градови, Северодоњек, Доњецк и Луганск. Ќе вратиме сè. Секоја недела се доближуваме до Керсон. Нема да ги заборавиме Мелитопол, Бердјански, Енергодар и Мариупол. Ќе ги вратиме сите наши окупирани градови. Сите ќе останат градови на Украина“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Во меѓувреме, во рамките на Самитот на Г7, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон се договорија за заедничка воена помош за Украина.

Кабинетите на двајцата лидери најавија дека покрај воената помош, на Украина ќе ѝ се помогне и дипломатски за време на претстојните мировни преговори меѓу Киев и Москва./Alsat.mk

Новинар: Адријан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button