САД ја одобрија првата таблета за контрацепција без рецепт

Американската агенција за храна и лекови (ФДА) во четвртокот објави дека апчињата за контрацепција „опил“ ќе бидат достапни без рецепт за жени од сите возрасти. Агенцијата во соопштението наведе дека одобрувањето на првата таблета без рецепт на американскиот пазар ќе помогне да се олеснат бариерите за жените да пристапат кон контрацепција, пренесе Би-би-си.
Производителот на „опил“ рече дека најверојатно ќе биде достапен во слободна продажба на почетокот на 2024 година, но цената сè уште не е позната. Лекарите велат дека таблетата само со прогестин, често позната како „мини пилула“, е побезбедна форма на контрола на раѓањето бидејќи не содржи естроген, што значи дека има помалку несакани ефекти и здравствени ризици.
Најчестите несакани ефекти на „опил“ вклучуваат неправилно крвавење, главоболки, вртоглавица и гадење. САД им се придружуваат на повеќе од 100 земји ширум светот кои дозволија апчињата слободно да се продаваат, вклучувајќи ги повеќето земји во Латинска Америка, како и Индија, Кина и Велика Британија.
„Кога се користи како што е наведено во упатството, дневната орална контрацепција е безбедна и се очекува да биде поефикасна од моментално достапните контрацептивни методи без рецепт за спречување на несакана бременост“, рече д-р Патриција Кавацони, директорка на Центарот за евалуација и истражување на лекови при ФДА.