ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Се истражува загаденоста на Пеленица, прелиминарните резултати покажуваат линдан во почвата

Со години се зборува дека освен во малата и големата депонија во ОХИС, каде е закопана огромна количина на линдан, истиот е присутен и на локацијата Пеленица, во населба Драчево. Од таа причина Министерството за животна средина и просторно планирање одлучи да одвои околу три милиони денари со цел да се направи истражување за тоа дали и колку се контаминирани почвата и подземните води на тоа место.

Според информациите, компанијата ОХИС на оваа локација во 1976 година депонирала одредена количина на HCH- отпад и отпадот бил спакуван во метални буриња и истите биле депонирани во две јами ископани на локалитетот, кој бил обележани со бетонски ѕидови, но она што го увидовме на терен беше дека линданот, кој, според првичните информации е присутен таму, воопшто не бил складиран во буриња, туку само бил исфрлен во јамите, кои потоа биле затрупани со земја.

Резултати од истражувањето, според информациите од Министерството за животна средина и просторно планирање ќе бидат готови до крајот на годината, но според информациите кои ги добивме од луѓето кои работат на терен, од мерењата со ХРФ анализаторот, кој веднаш индикативно, приближно ги покажува добрите вредности на хемискиот состав на почвата, се забележува присуство на хексахлороциклохексан.

Целта на истражувањето, е да се направи проценка на обемот и степенот на контаминација, да се предложат опции за ремедијација на локацијата и да се проценат трошоците за предложените опции за ремедијација.

– Врз основа на планот за истражување по кој се постапува, се копаат контролни сонди, ќе се инсталираат бушотини, се поставија два мониторинг бунари за мониторирање на подземните води, уште еден сега е во фаза на поставување, ќе се земат примероци, ќе се анализираат примероците и како краен заклучок ќе се направат пресметки за обемот и степенот на радијација, ќе се предложат мерки за ремедијација и ќе се дадат пресметки, односно проценки за потребните средства за сите тие опциии за ремедијација, нагласи за МИА Александар Мицковски, од Канцеларијата на POPs, при МЖСПП.

Тој додаде дека според информациите добиени од лица кои работеле во ОХИС или живеат во околината на Пеленица, на местото се закопани околу 8.000 тони линдан.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button