Се намалува старосната граница на лица кои стануваат зависници од коцкање

Сè повеќе се намалува старосната граница на лица кои стануваат зависници од коцкање, а бројот на разни коцкарници само во Охрид достигнува над педесет. Од Здружението за едукација и превенција од хазардни игри сакаат да делуваат превентивно односно да алармираат од негативните последици од коцкањето. Еден од неговите основачи е и Мирче Крстевски, поранешен зависник, кој се коцкал цели 30 години. Вели почнал кога имал само 24 години – од љубопитство, за потоа да премине во сериозна зависност.
„Трауми и трауми секакви од секој тип. Крајно е до помислување на одземање на сопствениот живот. Не ти се живее повеќе. Ги сакаш другите околу тебе. Мислиш дека со тој чин ќе ги спасиш луѓето од себеси. Тоа е еден од главните мотиви на коцкарот…“, рече Мирче Крстевски-поранешен зависник од коцкање.
„Јас знам и пријатели што не сме знаеле дека имаат такви пороци, а кои дошле до степен дури да пробаат да си го одземат животот. Мора да се најде начин како да им се помогне на тие луѓе“, вели Крсте Пурцов-член на здружението.
Од здружението бараат промени во начинот на делување на локалите за игри на среќа и ограничување на работното време
„Ние ќе бараме на овој билтен, на првата страна која ќе ја отвори играчот во кладилница, да има предупредување и да пишува што се може да предизвика коцкањето, каква зависност…“, додава Мирче Крстевски-поранешен зависник од коцкање.
Со сегашниот предлог за измени на Законот за игри на среќа, се предлага само дислокација на ваквите објекти на одредена оддалеченост од училиштата, што сметаат дека е премалку. Бараат измени со коишто ќе се спречи т.н. патолошко коцкање.
„Да се има регистар на луѓе кои се патолошки коцкари бидејќи тие се нивен личен проблем, но и на семејствата и на тој начин да им се забрани влез во таквите објекти. Тоа да биде на доброволна основа, а доброволноста која ја дале, да бидат запознаени играчниците и да не дозволат…“, рече Љупчо Наумоски- член на здружението.
Во меѓувреме од здружението велат дека со делење на едукативни материјали, ќе ги запознаваа граѓаните од негативните последици од коцкањето. А и покрај тоа што поканиле претставници од најголемите партии да присуствуваат на денешниот настан, велат дека никој не се појавил.
Мики Трајковски