Сè повеќе земји се подготвуваат да ги евакуираат своите луѓе од Либан
Сѐ повеќе земји се подготвуваат да ги евакуираат своите граѓани од Либан и ги повикуваат оние што останале да ја напуштат земјата поради ескалацијата на ситуацијата и во екот на израелската копнена офанзива на југот на земјата.
Иако ниту една земја сè уште не започнала евакуација од големи размери, некои влади организираа чартер-летови, а други помогнаа да се обезбедат места на комерцијалните летови од Либан. Засега главни транзитни точки се Кипар и Турција.
Преглед на подготовките по земја:
Соединетите Американски Држави: Десетици американски војници се распоредени на Кипар, подготвени за низа непредвидени ситуации, вклучително и евакуација на американските граѓани од Либан доколку избие сеопфатна војна, изјавија американски официјални лица за Си-ен-ен. Америка уште од август ги повикува своите граѓани веднаш да го напуштат Либан.
Обединетото Кралство: Во подготовка за можна евакуација на државјани на ОК од Либан, околу 700 дополнителни војници се распоредени на Кипар, каде што британската војска веќе има неколку стотици војници стационирани во две бази. Има и два воени брода во регионот и вчера организираше чартер-лет од либанскиот главен град за државјани и членови на семејствата.
Франција: Францускиот воен портпарол во вторникот изјави дека носач на хеликоптери ќе пристигне во источниот Медитеран доколку Париз одлучи да ги евакуира своите државјани од Либан, објави Ројтерс. Нивните планови за вонредни состојби се фокусираат на Кипар и аеродромот во Бејрут, а се разговараше и за евакуација преку Турција.
Австралија: Обезбедени се 500 седишта за Австралијците и членовите на нивните семејства на комерцијалните летови кои во сабота полетуваат за Кипар, изјави утринава министерката за надворешни работи Пени Вонг откако претходно оваа недела беа обезбедени места на неколку лета. Авион на австралиските одбранбени сили се наоѓа на Кипар за да помогне во подготовките за вонредни ситуации.
Кина: Повеќе од 200 кинески државјани се евакуирани од Либан, вклучително и околу 80 луѓе на бродот што пристигна на Кипар во вторникот, според државната новинска агенција Синхуа. Повеќе од 140 кинески државјани и нивните семејства биле на чартер лет кој вчера пристигна во Пекинг, додава Синхуа.