ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Сè уште недостапен напаѓачот на лекарката во Охрид

Напаѓачот на 62 годишната докторка од Инфективното одделение во охридската општа болница, сè уште не ѝ е достапен на полицијата. Од СВР Охрид за Алсат велат дека се прибираат сознанија и оти работеле на идентификација на можниот сторител. Тој вчера најпрво вербално, а потоа и физички ја нападнал докторката, фаќајќи ја за врат бидејќи веќе не можел да чека на ред. Во меѓувреме, вработените на инфективниот оддел бараат од раководството на болницата, засилено обезбедување. Директорот на болницата вели дека ќе преземат дополнителни мерки.

„И досега имаме ние обезбедување. Сега колку е тоа ефикасно не можам да кажам. Но, ќе го зголемиме патролното обезбедување и приватно обезбедување…“, рече Горан Балески-директор на општа болница Охрид.

Балески нагласува дека МВР треба брзо да реагира бидејќи станува збор за напад врз доктор, односно врз службено лице, во службени простории.

„…Последниве две години, две-три докторки го водат цел град. Нормално е ако имате 50-60 луѓе во амбуланта, ќе има чекање. Меѓутоа луѓето треба да се стрпат“, додава Балески.

И од Лекарската комора го осудуваат инцидентот и апелираат пратениците да ги донесат најавените измени во Кривичниот законик.

„…Нападот на здравствен работник на работното место ќе се смета за напад на службено лице за што Јавното обвинителство ќе покренува кривична пријава по службена должност… Апелираме пратениците во Собранието што побрзо да ги разгледаат и донесат овие законски измени…“, наведоа од Лекарската комора на Македонија.

Актуелно нападот на здравствен работник се казнува како прекршочно дело за што се изрекува само парична казна.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button