ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Шефот на обезбедувањето на Мицкоски е суспендиран од работа

Суспендиран е припадникот на Шестата управа на МВР кој беше задолжен да го обезбедува лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Министерот Панче Тошковски информира дека тој сторил насилство и ја погазил честа на полицијата. Тошковски најави дека против припадникот на шестата управа ќе биде поднесена кривична пријава за напад на службено лице. Инцидентот се случил во петокот вечер, пред угостителски објект во центарот на Скопје, каде полицијата имала акција за приведување дилери на дрога, а нивниот колега од управата, кој се наоѓал пред кафе барот тргнал физички да се пресметува со еден од полицајците.

„Секој еден што се огрешил, ќе одговара пред законот. Без оглед дали е љубител на десни или леви. Тотално не ме интересира тоа“, рече Тошковски.

Сепак, меѓу министерот и неговиот заменик Митко Бојмацалиев има разногласие за периодот кога точно се случила физичката пресметка. Според Тошковски, нападот се случил откако акцијата била завршена, додека пак Бојмацалиев вели дека пресметката настала додека акцијата за приведување дилери на дрога траела.

„За мене е неприфатливо припадник на македонската полиција да спречува друг припадник во вршење на службени дејствија, посебно кога се работи за дрога“, рече Бојмацалиев.

Инцидентот беше повод и за меѓупартиски препукувања. Од СДСМ побараа опозициската партија да одговори која била улогата на обезбедувањето на Мицкоски, дали негова задача била да ја спречи акцијата и дали дилерите се поврзуваат со ВМРО-ДПМНЕ. Од ВМРО пак, претходно нагласија дека за разлика од СДСМ, која заташкувала или премолчувала работи, тие веднаш реагираат и бараат бескомпромисна реакција на надлежните институции.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button