
По шест години од формирањето на Специјализираниот совет и Специјализираното обвинителство на Косово со седиште во Хаг, оваа институција се подготвува за првите судења.
Првото судење во Специјализираните совети на Косово започнува на 15 септември, кога Салих Мустафа, обвинет за воени злосторства против цивили во четири точки – произволно лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиство, ќе се појави пред Судскиот совет.
Според обвинението, злосторствата за кои е обвинет Мустафа биле извршени врз најмалку шест лица „на имот во Злаш во Косово, кој служел како затвор“ од 1 април до 19 април 1999 година. Еден затвореник бил убиен, а во обвинението се тврди дека жртвите беа Албанци, кои ги сметале за нелојални на ОВК.
„Обвинителството ќе има три часа да го претстави случајот, застапникот на жртвите ќе има час и половина да го презентира своето гледиште, додека одбраната ќе го изложи својот став во следната фаза од постапката, по што судечкиот совет ќе даде насоки за тоа во иднина“, изјави Мајкл Дојл, портпарол на судот.
Судењето започнува на 15 септември, а судот веќе ги закажа првите 15 рочишта – до 14 октомври.