ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Случајот со над 1 тон марихуана во Бутел во јазол, МВР виде марихуана, Обвинителството – коноп

Судењето за помпезно најавената заплена на 1.240 килограми марихуана во магацин во Бутел пред година и пол никако да започне. Иако во април 2020 – та Бирото за јавна безбедност се пофали со уловот, судското рочиште за стартот на процесот е закажано дури за во март 2022 – ра или две години од акцијата на полицијата. Месецов имаше обид за старт на судењето, но се одложи зашто во судница не дојде обвинител. Случајот прво го работеше кавадаречкото Обвинителство, па Обвинителството за организиран криминал и на крај премина во Скопското обвинителство.

„По утврдување на фактичката состојба, надлежно за постапување во предметот за кој покажувате интерес е Обвинителството од Скопје. Предметот е распореден кај обвинител. До Обвинителство Скопје од страна на надлежниот суд не беше доставена покана за рочиштето на 28 – ми месецов“, наведуваат од ОЈО.

Префрлањето на одговорноста во обвинителствата околу тоа кој е надлежен да го застапува и брани обвинението пред судот, создава контроверзии околу случајот. Новинарот кој следи судски процеси, Васко Маглешов посочува дека останува дилемата, што заплени полицијата – марихуана или индустриски коноп?

„Само да ве потсетам дека и во првичните извештаи на полицијата беше констатирано дека со вештачење е утврдено дека станува збор за марихуана, меѓутоа Обвинителството изработило нивно вештачење со кое тврдат дека станува збор за коноп и оти всушност обвинението се поднесува оти фирмата немала лиценца за тоа да го одгледува“, вели Васко Маглешов, Новинар.

Според објавата на директорот на БЈБ, Сашо Тасевски во април 2020 – та година, полицијата запленила над тон марихуана во Бутел. МВР извести дека во 2019 – та година во селото Сопот кај Кавадарци на 30 хектари бил посаден индустриски коноп. Три пати полицијата направила вештачење. Во сите три случаи анализата покажала дека станува збор за марихуана со цвет, семе и присуство на ТХЦ материја. За овој случај обвинети се две лица и фирмата „Канатек“. Едно од осомничените лица е од село Жилче – општина Јегуновце, а второто осомничено лице е израелски државјанин.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button