ВЕСТИЕКОНОМИЈА

СОНК: 12% повисока мартовска плата

Вработените во детските градинки, дејноста култура и високо образование, сепак ќе добијат покачување од 12% со мартовската плата, а не од само 2%, како што се појавија одредени информации во јавноста. Но, на ново покачување од 12% вработените во основното и средно образование ќе треба да почекаат до наесен бидејќи сè уште ги неимале потпишано колективните договори.

„По наши информации врз основа на издадени решенија во дејноста култура имавме основано сомнение дека 10% кои ги земаа вработените во култура и детска заштита дека ќе се претопат во овие 12% и затоа велиме 2%. Ние жестоко реагиравме. Последните информации и од министерката за култура и писмена објава на министерот за труд и социјала кажуваат дека вработените во овие дејности ќе имаат зголемување за 12% со мартовската плата“, рече Јаким Неделков-претседател на СОНК.

По завршувањето на изборите СОНК ќе ги продолжи разговорите со идната Влада со цел усогласување на нивните барања. Прво ќе биде барањето во основно и средно образование да се усогласат платите согласно последното зголемување на минималната плата.

„Вработените во образование со право очекуваат 12,15% да имаат со септемвриската плата. Тоа е прво и основно што треба да го добиеме во октомври за септемвриска плата, а дополнително ќе продолжат преговорите за склучување на колективни договори за основно и средно образование, тоа што бевме на прагот за потпишување, но од некои неоправдани причини колективните договори не се потпишаа“, додава Неделков.

Ќе продолжат преговорите за утврдување и на новите коефициенти на сложеност на работните места согласно општиот колективен договор. Најдоцна до декември 2024 година треба да се утврдат новите коефициенти што ќе бидат во примена од март 2025 година со новата методологија за исплата на плати. Од СОНК најавуваат дека со новата влада и идниот министер за образование ќе разговораат и за новиот концепт во образованието за кој велат дека покажал одредени слабости.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button