МАКЕДОНИЈА

Состојбата со Ковид-19 во Кичево се влошува

Последната седмица состојбата со Ковид-19 во Кичево е се полоша. Бројот на заболени е во континуиран пораст, како и бројот на хоспитализирани во модуларниот ковид – центар. Здравствената состојба на хоспитализираните е тешка и сите се на кислородна подршка.

-Од почетокот на месец август состојбата со Ковид-19 во нашата општина секојдневно се влошува. Бројот на новозаболени е во пораст, како и бројот на згрижени пациенти, кои се во исклучително лоша состојба.Така вчера од 21- едно тестирано лице кај 12 наодот е позитивен.Додека во текот на денешното претпладне од 12 тестирани кај четири лица наодот е позитивен, а многу е полоша состојбата на граѓаните кои се снимиле на рендген, така од 25 снимени кај 14 наодот е позитивен.Загрижувачки е што сите 20 лица згрижени во модуларниот ковид – центар се на кислородна подршка и во тешка здравствена состојба. Моментално на скопските клиники имаме згрижено шест наши пациенти, од кои двајца се транспортирани во текот на денешниот ден и сите со тешка клиничка слика, вели д-р Неџат Балажи, началник на оддел во кичевската Општа болница.

Тој е песимист во однос на бројот на новозаболени, бидејќи граѓаните ни малку не се дисциплинирани, продолжува масовното собирање и групирање главно на помладите, што е еден од главните поттикнувачи на Ковид-19.

-Досегашните апели никако да допрат до свеста на граѓаните, тие и понатаму се групираат и не водат сметка дека можат и самите да се заразат. Иако не можам со сигурност да потврдам, сепак според брзиот пораст на новозаразени, верувам дека е во прашање новиот делта сој  на вирусот кој е многу вирулентен, а пациентите кои се веќе заразени имаат многу потешка клиничка слика и се животозагрозени. Дополнителна опасност претставуваат инфицираните кои доаѓаат во дневната болница да примат терапија и потоа се враќаат дома и попатно можат да се сретнат со поголем број лица и по подолг контакт да им го пренесат вирусот, додаде д-р Балажи.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button