ВЕСТИСВЕТ

Специјален Самит на ЕУ – во фокусот Блискиот Исток и единствениот европски пазар

Најновиот развој на настаните на Блискиот Исток, состојбите со економијата и конкурентноста на ЕУ, случувањата во Украина и односите на Унијата со Турција, ќе бидат темите на специјалното заседание на Европскиот совет, што ќе се одржи денеска и утре во Брисел.

Главна тема на Специјалниот Совет на ЕУ требаше да бидат состојбите со конкурентноста и единствен европски пазар, но иранските напади со дронови и проектили врз Израел, како ургентна тема на оваа средба на шефовите на држави или влади на членките на Унијата го наметнаа најновиот развој на настаните на Блискиот Исток.

Во пресрет на денешниот Самит, вчера се одржа и вонредно заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ, на кое шефовите на дипломатиите на членките на Унијата ги повикаа сите страни на Блискиот Исток да покажат воздржаност и да не дозволат регионот да западне во тотална војна.

ЕУ уште веднаш ги осуди иранските напади врз Израел, оценувајќи ги како „невидена ескалација и закана за регионалната безбедност“.

– Во оваа тензична регионална ситуација, ЕУ ги повикува сите страни да покажат најголема воздржаност и ја изразува својата целосна посветеност да придонесе за деескалација и за безбедноста на регионот. За таа цел, ЕУ е во контакт со сите страни, порача Унијата во реакцијата на нападите.

Покрај за иранските напади, лидерите на ЕУ ќе разговараат и за случувањата во Газа по нападот на Хамас врз Израел лани во октомври, при што се очекува да го повторат својот став за итна хуманитарна пауза што ќе доведе до одржлив прекин на огнот, како за безусловно ослободување на сите заложници и за обезбедување на достава на хуманитарна помош за цивилното население во Појасот.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button