Стојаноски: Законот за данок на солидарност ќе влијае лошо врз целокупната економија

Солидарниот данок е новото економско промашување. Власта на СДСМ и ДУИ внесува нестабилност во работењето на бизнисот во Република Македонија, ова денеска од собраниската говорница го истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
-Имено, со донесениот Закон за таканаречен данок на солидарност, власта воведува арач за успешните компании наместо да се бори со сивата економија. Сведоци сме дека одредени делови од Македонија се даночни раеви, а се врши трговија и во странски валути што е истотака казниво. За потсетување на јавноста со овој закон за солидарност, секоја фирма која работела успешно во 2022 година ќе плаќа дополнителен еднократен данок од 30% покрај веќе постоечките 10% данок на добивка. Ова не е солидарност, ова е арамилук. Власта го злоупотреби европското знаменце за да донесе Закон со кој фирми од сите сектори, а не само фирми од енергетскиот сектор како што е во Европа, ќе го плаќаат овој данок. Дополнително, овој закон уште со денот на негово објавување во службен весник ќе биде обжален од сите Стопански комори во државата, вели Стојаноски.