ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Стопанството бара помош и мерки против скапата струја

Барањата на бизнисот за поддршка од државата се формирани врз база на пресметки. Ниту едно барање не е паушално и затоа Владата мора сериозно да ги сфати стопанствениците. За да не се случи колапс во приватниот сектор со затворање на фирми и отпуштање на работници потребна е брза реакција на надлежните. Вака Кризниот штаб на Стопанската Комора алармираше дека состојбата со ликвидноста во реалниот сектор веќе е сериозно нарушена.

„Да се субвенционира цената на електричната енергија за индустријата по примерот на соседните земји. Да се обезбеди правна рамка за фирмите да излезат од постојните договори за снабдување со електрична енергија, за да можат да склучат договори со ЕСМ Снабдување, максимизирање на државното производство на електрична енергија и вишоците да се понудат на индустријата по производна цена“, рече Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора.

На вчерашниот Економски совет во Владата не се донесоа конкретни мерки иако бизнисот очекуваше многу од тој состанок. Сега новата шанса за нов пакет на мерки е идната среда, за кога е закажана нова средба помеѓу властите, бизнисмените, синдикалците и експертите.

„Разговорите продолжуваат и во наредните денови, сè со цел помош на компаниите кои се на отворениот пазар да добијат струја која е поповолна од берзанската цена…“, наведуваат од Владата.

Како спас на состојбата, компаниите гледаат и во преговорите со Бугарија за испорака на поевтина електрична енергија за стопанството. Но, оптимизмот опадна по информацијата од официјална Софија дека нивната струја може да се продава само по берзански цени, но тие се високи и не им одговараат на фирмите во Македонија. Се чека евентуален договор со Европската Унија за Македонија доколку реши да купи струја од Бугарија, да може да побара помош од европските солидарни фондови и колку-толку да го ублажи купопродажниот ценовен шок.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button