ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Странски дипломати со честитки до ВМРО за двојната победа на изборите

ВМРО-ДПМНЕ и новоизбраниот претседател Гордана Силјановска-Давкова, добија бројни честитки за остварената победа на парламентарните и претседателските избори.

Амбасадорката на САД во Скопје, Ангела Агелер, меѓу другото, рече дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат целосната евроатлантска интеграција на Северна Македонија.

„Срдечни честитки до Гордана Силјановска-Давкова за нејзиниот историски избор за прва жена претседател на Северна Македонија. Честитки и до сите граѓани кои го искористија своето право на глас на претседателските и парламентарните избори. САД ќе продолжат да ги поддржуваат вашите цели за безбедност, просперитет и целосна евроатлантска интеграција на оваа земја“.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеј и евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, порачаа дека очекуваат блиска соработка со новиот шеф на државата за европската иднина на земјата.

Бугарскиот претседател Румен Радев, рече дека наскоро ќе стане јасно дали новиот претседател и партијата што победи на изборите ќе работат на европската перспектива на земјата или ќе одат во друга насока.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, упати честитки преку платформата „Х“ до Гордана Силјановска-Давкова.

-Честитки до Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на изборите во Македонија и што стана првата жена претседател на земјата. Косово и Северна Македонија имаат одлични меѓусоседски односи и споделуваат силна посветеност на европската интеграција. Со нетрпение очекувам да работам со избраната претседателка на постигнување на оваа заедничка цел и натамошно продлабочување на односите меѓу Косово и Македонија, напиша Османи.

Силјановска Давкова одговори на „твитот“ на Османи, заблагодарувајќи ѝ се за честитката на албански и на македонски јазик.

-Почитувана Вјоса, ме радува Вашата искрена честитка. Среќна сум поради фактот дека жените во нашиот регион испишуваат политичка историја застанувајќи храбро на клучни позиции. Очекувам и понатаму да продолжиме со соработката за конечно да ја постигнеме клучната стратешка цел, евроинтеграција на целиот регион, како и да ги зацврстиме нашите односи преку една “женска” синергија, напиша Силјановска Давкова.

Поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета, напиша: „ Дека ВМРО ќе победеше ова се знаеше! Но, не толку дека Вреди, вредеше и ова се знаеше! Но дека вредеше толку многу?! Дека „Интернационалата“ на Родител 1 и Родител 2 ќе изгуби беше познато! Но, дека ќе се победи до оваа мера?! Благодарам на поранешниот градоначалник на Тирана! Без него, ова неверојатно достигнување тешко би се остварило.

Во меѓувреме, поранешниот албански премиер Сали Бериша рече дека „вчерашните избори се доказ за достоинствен демократски процес за кој сите партии заслужуваат честитки, но и најдобри желби за победниците“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ напиша: „Убеден сум дека ќе продолжиме да работиме заедно на зајакнување на врските меѓу Србија и Македонија со цел да ја унапредиме благосостојбата на нашите народи, како и просперитетот на целиот регион“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави: „Со нетрпение очекувам да работиме заедно за да дадеме нов импулс на процесот за членство на Македонија во ЕУ!“

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, рече дека со нетрпение очекува да продолжи одличната соработка меѓу Хрватска и Македонија, чиј европски пат Хрватска силно го поддржува.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button