ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Судење за „Меѓународен сојуз“, Боки 13 бара изземање на Русковска, била пристрасна

Боки 13 побара обвинителката Вилма Русковска да биде изземена од судењето за евентуални малверзации во случајот „Меѓународниот сојуз“, хуманитарна организација која тој ја водеше. Како причина за тоа, шоуменот на денешното рочиште го наведе неговиот мобилен телефон, кој обвинителството му го одзеде, но никогаш не го вештачеше. Но, откако му го вратиле, тој рече дека увидел оти му биле бришени податоци. Додека ја водел 1ТВ, активно комуницирал со Русковска. Го информирала кој ќе биде апсен, а споделувала и детали од истраги. Бојан Јовановски се сомнева дека Русковска го користела за да добие медиумски простор. Но, судот не дозволи тој да продолжи да раскажува за односот со обвинителката.

„Вие ја штитите Вилма Русковска. Ја нарекуваше Катица свиња, зборуваше со мене за случајот 27 – ми април“, вели Боки 13.

Адвокатот на Боки се сомнева дека обвинителката била пристрасна во случаите „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“, токму поради комункацијата која шоуменот ја имал со неа. Според Дуковски, телефонот на Боки ќе откриел пикантерии зошто обвинителството не го вештачело уредот.

„Со изведување на тие докази во судот ќе видите за што станува збор. Сигурно не зборувам на памет, сигурно знам што зборувам и повторувам од денешна гледна точка кристално јасно ми е зошто бевме пет пати одбиени во нашето барање да биде вештачен телефонот“, рече Сашко Дуковски, адвокат.

Кон барањето за изземање на Русковска се приклучи и обвинетата Фросина Ременски.

„Ова што денеска го слушнав, а верувам дека експлицитно ќе биде доставено до јавниот обвинител и до сите кои ќе постапуваат по тоа разрешување, не се сомневам дека се однесува на таа лична релација која Бојан ја имал со јавната обвинителка Вилма Русковска за која во неколку наврати сведочев за еден настан каде таа пееше во кафана заедно со Бојан Јовановски“, рече Ременски.

Денеска се поднесе барањето за изземање на Русковска, а судењето се одложи. Ќе продолжи дури во септември. Освен Боки 13 и Фросина Ременски, обвинети се и татко му на Боки, неговата лична асистентка и Јасна Ерцеговиќ, втор човек во хуманитарната организација „Меѓународен сојуз“. Според обвинителството, обвинетите со измама наведувале бизнисмени да даваат пари за изградба на центри за возрасни лица кои никогаш не се изградиле.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button