Талат ја отфрли иницијативата на ВМРО за пожарот, не била поднесена со „Северна“

Собранието ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за формирање анкетна комисија која ќе ја утврди фактичката состојба и политичката одговорност за трагедијата во Тетово од 8 септември. Официјалниот одговор од спикерот Талат Џафери е дека во иницијативата не се почитувало уставното име на државата, РСМ. Но, опозицијата тврди дека оваа постапка на Џафери докажува дека парламентарното мнозинство не е заинтересирано да го реши случајот и оти власта на Зоран Заев се обидува по секоја цена да го заштити министерот за здравство, Венко Филипче од одговорност.
Албанската опозиција ја поддржува секоја иницијатива внатре и надвор од Собранието што оди во прилог на расветлување на вистината за трагедијата. Зиадин Села вели дека германските експерти констатирале одговорност кај директорот на болницата.
„Гледаме дека немаат морал, што значи дека нема да има морална одговорност. Ова значи дека треба да има кривична одговорност за одговорните. Откако се случи ова не гледам дека Обвинителството повика некого на одговорност. Не ви треба експерт од странство за да докажете дека имало присутни луѓе кои не требало да бидат присутни и за ова обвинителскиот орган треба да преземе чекори против директорот на болницата“, рече Села.
Анкетната комисија како постојано тело според Деловникот ја водат пратениците на опозициските пратенички групи. Целта на таквите тела е да разгледува прашања поврзани со слободите и правата на граѓанинот и да дава предлози и мислења за прашањата за кои таквото тело се формира.
Адриан Керими