ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Таргет-Тврдина“; Уништената опрема за прислушување чинела 1,4 милиони евра

Опремата за прислушување уништена во расформираната УБК, чинела 1.4 милиони евра. Ова го покажа вештачењето на обвинителството во случајот „Таргет – Тврдина“ кое денеска беше презентирано во судница. Тогашното МВР предводено од ВМРО – ДПМНЕ во ек на скандалот на прислушување во 2015 – та година го уништија системот за прислушување. Службите тогаш пресметале дека опремата, сметководствено чинела само еден денар.

Одбраната денеска постојано посочуваше дека, системот бил застарен, а тоа го покажале проценките на службите во МВР кои биле направени уште во 2013 – та година. Адвокатот и сопруг на обвинетата Гордана Јанкулоска, смета дека нема штета по државната каса со уништувањето на опремата за следење на комуникации која се направила со потпис на Јанкулоска како министерка за полиција во 2015 – та година.

„Штетата секако дека не постои бидејќи како што кажав нема употребна вредност на таа опрема и таквите наоди на ова вешто лице, можам да кажам се паушални и не се поткрепени со никакви објективни параметри“, рече Влатко Илиевски, адвокат на Јанкулоска.

Обвинителството дополни предложи материјални докази и го образлагаше израелскиот извештај за „жолтите комбиња“ кој на претходните судење го спомна обвинетиот Сашо Мијалков со објаснување дека во земјава прислушувале странски служби. Судењето за уништување на опремата и за нелегалното прислушување од 2008 – ма до 2015 – та година влегува во финиш. Останува уште обвинителството да го испита вештакот на одбраната и завршните зборови.

Во „Таргет – Тврдина“ обвинети се екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за полиција Гордана Јанкулоска, пребеганите тајни агенти Горан Грујевски и Никола Бошковски и уште седум лица од тајната полиција. Според обвинението нелегално биле следени на 5 илјади телефонски броеви, а опфатени биле околу 20 илјади граѓани.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button