ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Трет ден расправа во Собранието за ребаланс на буџетот

Пратениците од власта и опозицијата третиот ден од општата расправа за ребалансот на буџетот го искористија за меѓусебни обвинувања која партија подобро владеела. Од опозициската ВМРО ДПМНЕ најавија дека нема да дадат поддршка на предлог ребалансот, бидејќи како што велат, тој е огледало на неспособната влада на СДСМ која ги втурна граѓаните во поголема сиромаштија.

„Од 2017 година до денеска секоја година за оваа власт беше економска па како може да е така кога граѓаните во Македонија се се посиромашни, за каков раст на платите се говори кога секој граѓанин веќе е задолжен во 3.500 евра, а со овој ребаланс секое семејство во Македонија ќе задолжи за нови 500 евра. За која економија да зборуваме кога половина милион граѓани ни се сиромашни односно живеат со две евра на ден“, рече Дафина Стојановска- пратеничка на ВМРО- ДПМНЕ.

На ова реплицираа пратениците од владејачкото мнозинство велејќи дека 11 години ВМРО ДПМНЕ ги задолжувало граѓаните со непотребни работи, наместо во реални и потребни проекти.

„Да доаѓавте од некоја друга политичка партија, ајде нешто ќе поверувавме, но доаѓате од најнедомаќинската политичка партија ВМРО ДПМНЕ која што владееше 11 години и сите сме сведоци што направи. Минатата недела се раздолживме со еврообврзница од 500 милиони евра која што е позајмена во 2014, а за која плаќавме 20 милиони евра само камата така да го намаливте долгот за 4,350 проценти“, рече Даниела Маркоска- пратеничка на СДСМ.

Дебатата на пленарна седница според собраниската постапка треба да трае уште два дена. Со ребалансот на буџетот расходната страна е проектирана на ниво од 4,3 милијарди евра а приходната на 3,6 милијарди евра. За власта со ребалансот економијата ќе се врати на патеката како пред пандемијата, додека за опозицијата овој ребаланс е неразвоен и класичен предизборен поткуп.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button