ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Три дена собраниските служби не можат да го испратат Законот за државна помош до Службен Весник

Утре истекува рокот за аплицирање на компаниите за финансиска помош за исплата на октомвриската плата, а законот сѐ уште не е стапен на сила. Институциите цел ден си ја префрлаа топката зошто Законот не е објaвен во Службен весник. Од УЈП велат дека се додека не се објави Законот, работодавачите ќе немаат пристап до образецот за аплицирање со што не можат ни да побараат државна помош.

„Законот за финансиска поддршка за исплата на плати на работниците се уште не е објавен во Службен Весник на РСМ, а следствено на тоа не се објавени ниту правилниците по овие закони во кои е утврдена формата и изгледот на обрасците“, наведуваат од УЈП.

Овој Закон беше усвоен од страна на пратениците минатиот петок. Од Службен Весник ни одговорија дека Законот се уште не им е доставен за да може да го објават. Службите на Собранието потврдија дека Законот не е испратен бидејќи технички се подготвувал, по што во текот на денот ќе го достават до Службен Весник. Но затоа денеска портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов ja истакна посветеноста на Владата кон компаниите и граѓаните за побрзо надминување на кризата, иако работодавачите ќе имаат само еден ден да аплицираат за да добијат државна помош во вид на плата за октомври за своите вработени.

„Обезбедуваме силна помош за стопанството, но и за граѓаните силно погодени од кризата. 70 милиони евра се наменуваат за подршка на 83 илјади работни места и субвенционирање на вкупно 250 илјади плати за месеците октомври, ноември и декември“, вели Костадин Костадинов- Портпарол на СДСМ.

Од Владата до почетокот на вестите не ни одговорија како ќе го решат проблемот со прекусиот рок за аплицирање за државна помош.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button