
Често се зборува за тоа колку е важен редовниот и соодветен сон за нашето здравје, а една нова шведска студија сега го нагласува овој факт уште подраматично.
Ново истражување од Универзитетот во Упсала во Шведска покажува дека само три ноќи ограничен сон, или околу 4,25 часа сон навечер, значително го менува воспалителниот профил на крвта, зголемувајќи го ризикот од кардиоваскуларни заболувања.
Шеснаесет здрави млади мажи учествуваа во строго контролирана лабораториска студија. Тие поминале низ две рутини на спиење – три ноќи нормален сон (8,5 часа) и три ноќи ограничен сон. По секоја фаза, учесниците завршија интензивен тренинг со велосипед, а примероци од крв беа земени пред и по вежбањето.
Научниците измериле речиси 90 протеини и откриле зголемени воспалителни маркери по период на ограничување на спиењето. Овие протеини, доколку останат покачени подолго време, можат да ги оштетат крвните садови и се поврзани со болести како што се коронарна срцева болест, срцева слабост и атријална фибрилација.
Вообичаено е вежбањето да ги зголеми корисните протеини како што се интерлеукин-6 и BDNF. Сепак, овие реакции биле послаби по лош ноќен сон, заклучиле авторите на студијата објавена во списанието „Biomarkers Research“. Ова укажува на намалена кардиоваскуларна и невролошка корист од вежбање по недоволен одмор.
Нивоата на протеини се разликувале во зависност од тоа дали крвта била земена наутро или навечер, особено по губење на сон, што покажува како нарушувањето на спиењето влијае на дневните биолошки ритми.
Гореспоменатото истражување ја нагласува важноста на сонот, бидејќи дури и краткотрајната загуба на сон кај здрави млади луѓе предизвикува мерлива штета. Еден од четири луѓе во Европа работи во смени, што укажува дека многумина се изложени на слични ризици.
Извор: The Conversations