ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Вчерашните тензии во Собранието продолжија и денеска

Вчерашните тензии во Собранието продолжија и денеска

ДУИ го нарекува неизбежен скандал вчерашниот инцидент кога нејзиниот пратеник Арбер Адеми се соочи со пратениците од опозицијата и фрлаше кон нив со пластични шишиња и шолји за кафе.

Адеми пак, го обвини пратеникот Антонио Милошоски дека го поттикнал инцидентот, како дел од сценарио за дестабилизација на државата. Тој не се извини, но рече дека му е жал за тоа што го видоа граѓаните.

„Треба да го прашате Антонио Милошоски бидејќи тој целосно ја испровоцира оваа ситуација и ми нанесе повреди на моето работно место. Јас не отидов кај него каде што седи тој и не му го зедов микрофонот за да не му дозволам да зборува. Тој не ми дозволи мене. Жалам што јавноста беше сведок на вакви немили сцени испровоцирани од опозицијата кои се мотивирани од надворешни агенди за да ја дестабилизираат државата“, изјави Арбер Адеми од ДУИ.

Но, ВМРО-ДПМНЕ апелира обвинителството да реагира за Адеми. Тие велат дека насилството на Адеми треба да го осуди и СДСМ.

И Алијанса за Албанците, чиј пратеник Елми Азири беше удрен со чаша, повика на одговорност.

„Ги повикуваме граѓаните да не подлегнуваат на вакви сценарија и валкани игри на ДУИ кои паничат секогаш кога им е загрозена власта или кога нивните планови не одат до крај. Сите треба строго да ги осудиме овие вандалски дејства и да ги повикаме вандалите на одговорност“, рече Илире Даути, Алијанса за Албанците.

Тензиите продолжија и денеска. Во Комисијата за европски прашања, Адеми денеска го замени пратеничката Арта Биљали Зендели, која е потпретседател на ова тело. На дневен ред беше Законот за работни односи кој предвидува продолжување на мандатот на судиите и обвинителите за уште 3 години по старосната граница за пензионирање, со одобрение на Судскиот совет.

Предлогот првично дојде од пратениците од мнозинството, но бидејќи опозицијата најави дека ќе го блокира, Владата го поднесе по скратена постапка со европско знаменце. Тоа значи дека дебатата за овој закон може да трае само два дена.

Претседателите на Комисијата за европски прашања тврдат дека расправата почнала вчера и треба да заврши денеска. Но, опозицијата го тврди спротивното.

Велат дека дневниот ред сè уште не е усвоен и оти расправата по оваа точка на дневниот ред сè уште не е започната, така што рокот од два дена воопшто и не почнал да тече.

На комисиската седница ВМРО-ДПМНЕ учествуваше во полн состав, а дел од пратениците од мнозинството останаа да стојат./Alsat.mk

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button