ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Веќе видени лица“ – песимизам за понудените партиските изборни листи

Најголемиот дел од партиите ги објавија имињата на носителите на кандидатските листи за пратеници. Според дел од политичките аналитичари, станува збор за веќе видени лица кои не оставиле значаен белег на политичката сцена. Аналитичарот Благојче Атанасовски вели дека ваквата кадровска понуда на најголемите партии ќе влијае и на излезноста. Тој прогнозира дека овојпат е можно излезноста биде пониска и од 50% од запишаните избирачи на парламентарните избори, што би го покренало и прашањето за легитимитетот на наредната власт. Атанасовски вели дека граѓаните повторно ќе гласаат за листи на лидерот на партијата, а овој предизвик во иднина би можел да се реши само со т.н. преференцијално гласање, односно преку отворени листи.

„Политичките партии згрешија, но тоа е одлика на нивната демократска, односно недемократска култура на затвореност на самите политички партии, каде што лидерот со неговите најблиски соработници е главниот кројач на партиските листи. Немаме никаква реална внатрепартиска номинација. За тоа е виновен и самиот изборен модел на затворени листи, па наместо да бираме народни избраници, ние бираме партиски избраници“, рече Благојче Атанасовски – политички аналитичар.

Во однос на првично споделените ветувања од партиските програми, Атанасовски вели дека станува збор за старо-нови ветувања дадени и на претходни изборни циклуси. Според него, граѓаните не веруваат дека партиите врз база на програмата ќе може да ја реформираат државата и тие се уште користат неиновативен и застарен метод на политичко делување.

„Класични партиски памфлети кои тие ги велат платформи. Класични политички програми во кои таксативни се набројани односните сфери за тоа кои проблеми се приоритетни за решавање. Гледаме дека од сите тие ветувања во изминатите 33 години Македонија на сите релевантни скалила на рангирање во економијата, невработеноста, корупцијата или партизацијата, назадува и е на последното место“, нагласи Благојче Атанасовски – политички аналитичар.

Како и изминатите парламентарни состави, со оглед на понудените листи, Атанасовски ниту од наредниот состав не очекува плодна и суштинска дебата. Тој вели дека пратениците повторно нема да гласаат независно од матичната партија и очекува тие да бидат лојални послушници на лидерот на партијата./Алсат.мк

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button