ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ветингот – долго време ветуван, а потоа забораван

Закон за општ ветинг беше предложен од ДУИ на почетокот на 2020 година, го помина првиот филтер во Собранието, но брзо беше заборавен по распуштањето на Собранието и новите избори. Тој предвидуваше проверка на минатото на судиите, обвинителите, полицајците и избраните и именувани функционери. Ден по најавата на американската амбасадорка за доаѓањето на група американски експерти за откривање корумпирани функционери, координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбр Адеми вели дека се подготвени да ја вратат иницијативата во Собранието.

„Секако дека сме подготвени и во повеќе ситуации и случаи сме кажале дека ако сакаме да изградиме консолидирана и функционална демократија, тогаш владеењето на правото, редот и законот треба да функционираат според параметрите на западноевропските земји. Затоа ние сме подготвени во секој момент да го поднесеме овој закон“, рече Адеми.

Ветингот како процес неколкупати се споменуваше во земјава. Но, Европската Унија е против ветинг во судството и обвинителството, што би било слично како во Албанија. Од Брисел велат дека земјата треба да најде други механизми за искоренување на корупцијата од правосудниот систем. Недостигот на политичка волја доведе до отсуство на конкретни чекори. И во случајот со предлогот на ДУИ, оваа партија не знае дали ќе има поддршка за поширок ветинг.

„Искрено да ви кажам, поради набиената агенда на предлог-закони и други акти што ги имаме во Собранието, за ова прашање не сме разговарале на посериозна маса, барем јас како шеф на пратеничката група, но сепак нашиот став е познат, политичките партии го знаат, ние инсистираме да има ветинг“, додава Адеми.

Предлогот на ДУИ од 2020 година предвидуваше формирање на специјална агенција која ќе ги проверува политичарите, носителите на јавни функции, судиите и обвинителите.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button