ВЕСТИСВЕТ

(Видео) Разорен земјотрес го погоди Тајван – има загинати и голем број повредени

Најмалку четири лица се пријавени како загинати, а неколку десетици се повредени во разорен земјорес што утрово го погоди Тајван, јавуваат светските медиуми.

Според првичните информации, земјотресот се случил околу 8 часот по локално време, а епицентарот бил на околу 25 километри од округот Хуалиен во источниот дел на островот, пренесува „Гардијан“.

Потресот бил со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала и бил почувствуван низ целиот остров и поширокиот регион.

Според локалните сеизмолошки служби станува збор за најсилниот земјотрес што го погодил Тајван во последните 25 години, кој предизвикал уривање на згради и лизгање на земјиштето.

Новинските извештаи јавуваат за најмалку две згради кои се делумно урнати од потресот во Хуалиен, најблискиот град до епицентарот на земјотресот, кои како што се гледа од фотографиите и снимките од местата се потпрени под несигурни агли.

Директорот на Сеизмолошкиот центар на Централната метеоролошка управа на Тајпеј, Ву Чиен-фу за новинската агенција АФП изјавил дека властите не исклучуваат дека во наредните три дена се можни нови силни потреси со јачина од 6,5 до 7 степени според Рихтеровата скала, кои се очекува да бидат релативно блиску до копното.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button