ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Владата го фали предлогот што го достави Франција

Владата го фали предлогот што го достави Франција

Владата, на својата веб-страница, го објави официјалниот француски предлог за надминување на спорот со Софија, со кој би започнале преговорите за членство во Унијата. Премиерот Димитар Ковачевски овој предлог го оцени како солидна основа за градење државнички став. Тој вели дека во предлогот се вклучени забелешките на властите во Скопје и актуелниот текст на Париз дава, како што рече, далеку поповолна позиција за нас. Според него, Унијата недвосмилено го прифаќа македонскиот јазик.

“Сите лажни тврдења во различни форми, сметам дека потонаа. Во европскиот предлог имаме дефинирано позиции за јасно прифаќање на македонски јазик, како и Протоколот да не биде во преговарачката рамка. Нашата позиција за понатамошно отпочнување безусловно на преговарачкиот процес и одржување на конференција со ЕУ е исто така во вклучено во предлогот“, рече Димитар Ковачевски – претседател на Владата.

Ковачевски денеска го започна најавениот широк консултативен процес. Тој предлогот на Франција го презентираше пред коалициските партнери. Дел од партиите во коалицијата минатата недела, кога излезе првичната неофицијална верзија на текстот, истакнаа дека не би го прифатиле предлогот.

„Тие денеска го добија предлогот, ќе го разговараат и ние нормално дека на следен состанок ќе изградиме заеднички став. Меѓутоа, можам да ви кажам дека духот на разговорот беше на ниво на исклучителна одговорност на моментот на којшто е исправена Република Северна Македонија“, додаде Димитар Ковачевски – претседател на Владата.

На брифингот со новинарите по прес-конференцијата, Ковачевски кажа и дека очекува наредните денови да се сретне со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Инаку, предлогот следува да биде разгледан и со претседателот на државата, во Парламентот, со опозицијата, со експерти и со претставници на граѓанскиот сектор./Alsat.mk

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button