Владата го повлече Законот за легализација на дивоградбите од Собранието, ќе предложи нов текст

Владата се премисли. На седница го повлече Законот за легализација на дивоградби кој на нозе ја крена јавноста, а не доби зелено светло ниту од претседателот Стево Пендаровски. Од Илинденска ретерирале, кога министерството за транспорт и врски ги известило дека добиле забелешки за Законот – од асоциации на гардажници и урбанизам како и од граѓанскиот сектор. Сега ресорното министерство треба да изготви ново законско решение. Премиерот Зоран Заев не отстапува од одлуката да се донесе Закон за легализација на дивоградбите.
„Државата треба да продолжи да ги решава проблемите на граѓаните. Најлесно е да кажеме не легализираме. Но мора да се дадат одговорите, што со бесправните градби. Навистина се многу повеќе од 50 илјади објекти. Со правењето пресек од некаде 350 илјади објекти за легализиација постапка имаат завршено некои 260 илјади. Некои 90 илјади постапки се останати незавршени. Тие не треба да дозволиме да ги урнеме“, рече премиерот Заев.
Законот за легализација на дивоградби кој го изгласа Собранието го поддржува и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ. Христијан Мицкоски во интервју за емисијата „360 Степени“ рече дека партијата гласала за Законот оти тоа било интерес на народот. Најави дека доколку новото решение го одобри јавноста, Законот повторно ќе ја добие нивната поддршка во Собранието.
„Јавноста е прилично сензитивна по ова прашање. Мислам дека патеката, траекторијата и иднината на овој Закон треба да биде поинаква од таа која беше до сега. Сите оние кои ценат дека овој Закон не треба да се донесе имаат можност во Парламентот сега на блокирање и филибастеринг да не дозволат овој Закон да се донесе“, рече Мицкоски.
Законот за легализација на дивоградби беше донесен на 11 – ти мај. „За“, гласаа 72 пратеници од власата и опозицијата, тројца беа „воздржани“ а пет „против“. Но кога Законот ги помина собраниските процедури, указот за негово прогласување не го потпиша претседателот Пендаровски со образложение дека овозможува лица кои граделе бесправно да не одговараат кривично.
Бојан Стојановски