Владата во Софија го дообјаснува Кирил Петков околу Македонија
Владата во Софија го дообјаснува Кирил Петков околу Македонија

Шефицата на кабинетот на бугарскиот премиер, денеска реши да ја дообјасни изјавата на Кирил Петков дека треба да се забрза евроинтегративниот процес за земјава. Според Лена Бориславова, премиерот мислел на забрзување на преговорите со Скопје. Ова дообјаснување следува по вчерашната средба на лидерите на партиите од владината коалиција во Софија, на која се зборувало за Македонија, како и по обвинувањата од бугарската опозиција дека Петков подготвува национално предавство.
„Тоа што сакам да го потенцирам е дека не станува збор за забрзување на некаква процедура, туку на процедурата на преговори кои ќе доведат до реални резултати. // Ставот не е променет. Двете држави работат заеднички и има подобрен дијалог и желба за постигнување резултати од двете страни“, изјави Лена Бориславова – шеф на кабинетот на Кирил Петков.
Бориславова потврди и дека наскоро Петков во Софија ќе се сретне со еврокомесарот за надворешна политика Жозеп Борел, а на состанокот ќе се зборува за дијалогот со Македонија.
Во меѓувреме, од Скопје, австриската министерка за европски прашања, Каролине Едштадлер изрази оптимизам дека прашањето може да се реши до јуни и порача граѓаните да не бидат разочарани.
„На почетокот на февруари бев во Софија и морам да ви кажам дека станав многу повеќе оптимист откако бев таму. Добив чувство дека премиерот Петков прави сè што може овие теми и области што се отворени да ги реши“, нагласи Каролине Едштадлер – министерка за европски прашања на Австрија.
Петков последно во понеделникот сподели оптимизам за исходот од преговорите, особено поради напредокот во Историската комисија. Но, од Владата на „Илинденска“ се воздржуваат од коментар.
„Резултатите коишто се постигнати во Историската комисија треба да бидат соопштени од историчарите како директни учесници“, рече Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања.
Историчарите утре повторно ќе седнат на заедничка маса, овој пат во Скопје, а на дневен ред ќе се најдат Средниот век и Цар Самоил.
Лука Андреев