ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Владината мерка за гарантирани цени продолжува до 31 декември

„Гарантираните цени“ ќе продолжат да се применуваат до 31 декември. Тоа значи дека граѓаните ќе купуваат 1.600 основни прехранбени производи за 10 отсто поевтино. Министерот за економија, Крешник Бектеши најави дека до крајот на годинава се очекува во Собранието под европско знаме да биде изгласан и Законот за спречување на нефер трговските практики. Според предлог-законот, трговските друштва нема да имаат можност за добивка поголема од 10%, намалувајќи ја така можноста за нови поскапувања.

„На овој начин сметаме дека сите потрошувачи во земјава ќе имаат можност до крајот на годината да купуваат поевтини производи“, рече Бектеши.

Во меѓувреме, за уште еден месец се продолжува забраната за акциска продажба низ маркетите, со што, според надлежните, ќе се минимизира злоупотребата.

„Со оваа одлука уште еднаш докажуваме дека Министерството за економија и воопшто Владата се грижат за зачувување на стандардот на граѓаните. Мерките за намалување на цените ги дадоа вистинските резултати согласно она што го најавивме“, додава Бектеши.

Мерката за гарантирани цени стапи во сила на 20 септември. Како основа беа земени цените од 1 август. Власта пресмета дека секое просечно семејство во земјава со намалените цени месечно заштедува по околу 2.500 денари, се намалила инфлацијата на 6,6%, исто како и потрошувачката кошничка на нешто над 48.000 денари за четиричлено семејство.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button