ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Власта избегнува конкретни одговори на постапките кои ги отвори Антикорупциска

Власта избегнува конкретни одговори на постапките кои ги отвори Антикорупциската комисија а во кои има аргументи за злоупотреба на службената должност од страна на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Упативме две конкретни прашања до кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски и тоа:

-Како ќе постапи Владата по доказите објавени од Антикорупциската комисија дека министерот Оливер Спасовски три месеци не го потпишувал решението за привремен прекин на работата на компанијата за технички преглед на возила, ВИА КОМЕРЦ, која извршила контрола и на автобусот на БЕСА ТРАНС, кој доживеа несреќа во Бугарија во која животот го загубија 45 државјани на РСМ?

-Дали Владата ќе преземе иницијатива и ќе побара одговорност од министерот за надворешни работи Бујар Османи кој користел службени возила за партиски и изборни активности?

Но, одговорот од кабинетот на премиерот беше многу краток и неконкретен:

„Во однос на поставените прашања, ве известуваме дека Владата ќе ги испита наодите потврдени од Државната комисија за спречување на корупцијата“.

Антикорупциската комисија одлучи да достави дополнителни докази до Обвинителството, откако утврдија дека Спасовски по добиениот извештај од Инспекторатот кој извршил контрола и утврдил неправилности во работењето на станицата – вработените не биле компетентни и стручно квалификувани да вршат технички прегледи, не донел решение за забрана за работа. Во овој период автобусот на „БЕСА ТРАНС“ беше опожарен на автопатот „Струма“ и загинаа 45 граѓани, а седуммина останаа со тешки телесни повреди. Спасовски го потпишал решението за привремен прекин на работата на компанијата за технички прегледи, само три дена откако се случи автобуската трагедија.

Антикорупциска побара Владата да покрене иницијатива за одговорност за министерот за надворешни работи Бујар Османи за злоупотреба на службени возила за партиски активности. Според Комисијата, Министерството не дало никаков доказ за користењто на службените возила за службени цели, и немало ангажирано лице кое треба да се грижи за возилата, за начинот на нивното користење, техничката состојба и хигиената. Не може да се докаже ниту просечната потрошувачка, односно за кои возила колку гориво е потрошено во контролираниот период. Недостигаат и редовни докази за километражата на возилата, како и дозвола за патување со нив.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button