ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Власта не открива која фирма вршела надзор на изградбата на модуларните болници

Трет ден од трагедијата во модуларната болница, институциите не откриваат која фирма дала зелено светло дека КОВИД објектот во Тетово ги исполнува сите потребни услови за да прима пациенти. Министерот во оставка Венко Филипче одби да каже која компанијата била задолжена за надзор над монтажата на ваков тип на болнички одделенија. И од Министерството за труд и социјална политика, не откриваат која е фирмата.

Ова министерство се јавува како потписник на договорот со фирмите „Брако“ и „Том и Ари“ кои ги изградија модуларните болници низ земјава. Но, иако потпишаните договори за монтажа и опремување на објектите се јавни, ниту на веб-страната на труд и социјала, ниту пак на страната на Бирото за јавни набавки, нема податок која е фирмата која извршила надзор врз процесот и дала согласност дека објектите ги исполнуваат сите услови за да примаат КОВИД пациенти.

„Ве известуваме дека Министерството за труд и социјална политика целата документација со која располага и е дел од истражна постапка ја става на увид на Обвинителството и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, вклучително и документите за информациите кои ги барате“, наведоа од Министерството за труд и социјална политика.

Обвинителството за организиран криминал и корупција веќе извести дека отворил предмет по допрен глас и оти ќе ја проверува постапката за реализација на јавните набавки за изградба на модуларните болници низ Македонија. Уште вчера издале наредба, Бирото за јавни набавки и Министерството за труд да ја предадат цела документација поврзана со монтажата со 19 модуларни КОВИД објекти.
Обвинителството ќе анализира дали документацијата за спроведената јавна набавка е соодветна со техничката документација за изградба на ваков тип на објекти.

Од Светската банка, која е кредитор на овој проект, вчера за Алсат посочија дека истрагата за трагедијата ја водат институциите во земјава, а тие внимателно ќе го следат процесот преку канцеларијата во Скопје. Фирмата „Брако“ која ги монтираше КОВИД центрите порача дека тие се градени согласно сите стандарди, а министерството за здравство пак обелодени дека имало само естетски и незначителни пропусти кои биле корегирани.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button