ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Секое трето домаќинство во државава не може да си го стопли домот во зима

Македонија е на врвот во Европа по бројот на граѓани кои што во зимата живеат во студ. Во полоша состојба се само жителите на Албанија. Овие податоци ги објави европската статистичка организација која наведува дека 33,1 отсто од домаќинствата во државава не можат да ги стоплат домовите. Во соседна Албанија процентот изнесува 36,8 отсто, додека во Бугарија 30,1 отсто од домаќинствата имаат проблем со затоплување на домот. За да се намали процентот на енергетска сиромаштија, институциите треба да направаат категоризација на корисници и покрај социјално ранливите категории помош треба да добијат и други категории на граѓани, велат од Платформата против сиромаштијата.

„Кога имате буџет од 30 илјади денари, ако 10 илјади денари ви одат на загревање и струја, тогаш со останатите 20 илјади треба да правите компромис за што ќе ги потрошите дали за јадење, образование, облека итн. Да се направи категоризација на граѓаните, дали некој не можат да си дозволат па им е потреба финансиска субвенција или станува збор за користење на застарени технологии и апарати кои треба да се променат ама домаќините не можат да си дозволат тоа па повторно да се оди со субвенција“, рече Билјана Дуковска- „Платформа против сиромаштијата“.

Во земјава над 35 илјади домаќинства добиваат по 1.000 денари од државата за да покријат дел од трошоците за греење во зимскиот период. Властите уште лани ветија дека листата на приматели на оваа помош ќе се прошири, но институциите допрва ги утврдуваат критериумите и категориите кои граѓани ќе можат да ја користат оваа помош. На светско ниво се проценува дека од 50 до 150 милиони луѓе зимата ја поминуваат во незатоплен дом, а најголеми причинители за тоа се невработеноста и старите градби на домовите. Инаку, од министерствата за економија и за труд и социјална политика најавија дека до крајов на годинава ќе се донесе проширената листа на корисници на пари за енергетска сиромаштија. Ова е ветување кое една година никако да се реализира.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button