ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Влен: На Ахмети, Груби, Бектеши, Мерко им е важен само семејниот капитал

Влен: На Ахмети, Груби, Бектеши, Мерко им е важен само семејниот капитал

ДУИ ќе се обиде, но нивниот капацитет за дестабилизација е слаб. Ова е оценката на коалиционите партии ВЛЕН во врска со најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека раководството на ДУИ се подготвува да ја дестабилизира земјата наесен за, како што вели, да го заштити капиталот стекнат во дваесетгодишниот период додека беше на власт а не како што тврдат од ДУИ за наводно заштита на легитимитетот на застапеноста во власта.

Според ВЛЕН, идејата на ДУИ е да ги држи Албанците како заложници во обид да се избегне судската одговорност за кражбите што ги направија врз народот во последните 22 години од режимот.

„Албанците нема да дозволат ова криминализирано раководство на ДУИ да ги потцени. Знаат дека на Ахмети, Груби, Османи, Мерко, Бектеши и компанијата воопшто не им е грижа за Охридскиот рамковен договор, туку се грижат само за семејниот капитал стекнат на незаконски начин. Затоа, сметаме дека нивниот капацитет за дестабилизација е слаб во моментов и ќе продолжи да слабее уште повеќе, со поднесување на кривични пријави за нивните злоупотреби, со што се разоткрива вистината за владеењето на ДУИ“, велат од Коалицијата ВЛЕН.

СДСМ во врска со овие најави, побара Обвинителството да отвори истрага и да го повика премиерот Христијан Мицкоски да даде изјава, а претседателката Гордана Силјановска Давкова да го свика Советот за безбедност.

Од друга страна, ДУИ ги нарекува политички блеф тврдењата на Мицкоски, притоа не отстапувајќи од позицијата дека тие се легитимен претставник на Алабнците и тоа ќе го бранат со преземање демократски мерки.

„Без да сакаме да коментираме политички спинови и блефови, сакаме да појасниме дека добивме мандат и одговорност од албанските гласачи да го заштитиме легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и албанскиот народ во Северна Македонија. Ќе ги преземеме сите демократски мерки и средства да го запреме понижувањето и мајоризацијата на Албанците од наметнувањето на вазалите“, велат од Демократска Унија за Интеграција.

Инаку, најавите за дестабилизација на државата од страна на раководството на ДУИ, доаѓаат во момент кога новата влада предупреди дека ќе поднесе тужба за законските прекршувања констатирани во институциите. Од друга страна, ДУИ продолжува да го оспорува вклучувањето на ВЛЕН во владата, тврдејќи дека тие се легитимни претставници на албанскиот политички табор. ДУИ инсистира на непишаниот принцип дека победникот во политичкиот камп на Македонците треба да коалицира со победникот кај Албанците. Овој принцип беше прекршен од самата ДУИ во 2016 година, но сега предложи да стане закон./Алсат.мк

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button