ВМРО бара гласање недоверба за Владата, Пендаровски останува песимист за договор со Бугарија

Македонската опозиција најавува иницијатива за изгласување на недоверба на Владата. По интервјуто на премиерот Заев во ВМРО се категорични дека тој ја нарушил позицијата на Скопје во преговорите со Софија и за тоа треба да преземе одговорност.
Во меѓувреме, вицепремиерот Димитров вели дека билатералните напори за изнаоѓање на решение продолжуваат.
Но, претседателот Пендаровски вели дека дури и да се постигне компромис, не е исклучена можноста Софија да го попречува нашиот евро-интегративен пат за време на пристапните преговори.
„Можностите за изнаоѓање на решение се минимални, иако тие постојат…
Има напори да се стават идентитетските прашања на преговарачка маса и за ова никој никаде во светот ниту преговарал ниту ќе преговара … Значи, ако потпишете договор без волја, секогаш ќе најдете причини за да не се почитува, додека комплексноста на процесот на европска интеграција обезбедува доволни процедурални можности за вакви опструкции.“
Пендаровски проценува дека непочнувањето преговори негативно ќе се одрази на реформите, а Димитров е категоричен дека што и да се случи, земјата ќе продолжи со процесот на европеизација за да биде подготвена за преговори кога околностите ќе се сменат. Министерот за внатрешни работи Спасовски пак, наведе дека се преземаат мерки против говорот на омраза на социјалните мрежи.
Anesa Salihu