ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието Предлог-резолуцијата за државните позиции за евроинтеграциите

ВМРО-ДПМНЕ до Собранието ја достави нацрт-Резолуција за потврдување на државните позиции во контекст на блокирање на европските интеграции. Според нив, оваа Резолуција ќе ја зајакне македонската дипломатска позиција, но и ќе ја намали поларизацијата во општеството. За да се потврди во пракса поддршката дадена од пратениците на другите партии во оваа Резолуција, ВМРО-ДПМНЕ бара тие да го стават својот потпис на иницијативата.

СДСМ потврди дека ќе ја поддржи Резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ и предлогот, генерално, е прифатлив и за некои други парламентарни партии. Додека „Левица“ поддршката ја условува со нивната Декларација предложена пред неколку месеци, од Алијансата за Албанците и Алтенатива сè уште не зазедоа цврст став. Ова се очекува да се случи во наредните денови. Во меѓувреме, ДУИ се изјасни дека оваа Резолуција е штетна, зашто може штетно да влијае на евроинтегративниот процес на земјата.

Резолуцијата повикува преговорите со ЕУ да се водат непристрасно, и на принципиелна основа, почитувајќи го меѓународното право, безусловно и со почитување на достоинството на македонскиот народ, да се почитува автохтонијата на македонскиот народ и историскиот јазичен, културен и верски континуитет, европската интеграција да зависи од посветеноста и напорот на Скопје во спроведувањето на критериумите, почитувањето на правото на самоопределување и човековите права и слободи итн.

Софија направи сличен чекор во август минатата година за да го обедини домашниот став за односите со Скопје. Документ под наслов „Објаснувачки меморандум за односите на Република Бугарија со Република Северна Македонија во врска со проширувањето на ЕУ, и процесот на асоцијација и стабилизација“, беше испратен од Софија до 26 земји-членки на ЕУ. Во него се објаснува бугарскиот став за некои историски прашања, нагласувајќи дека „процесот на проширување не треба да ја легитимира етничката и јазичната интервенција на минатите авторитарни режими“.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button