ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Жар во корењата на изгорени дрва повторно потпалува пожари кај Сарај

Дронови со термални камери ќе ги ловат жариштата на пожарот во Сарај за да може пожарот да се стави под контрола. Иако на овој пожар се интервенира со хеликоптери на АРМ и со пожарникари на терен, поради жарта што тлее во корењата на дрвата, пожарот повторно се активира. Актуелно активни пожари покрај во Сарај, Виница и Неготино, а останатите пожари кои беснееја неколку недели, се ставени под контрола.

„За утре е договорено 30 припадници на специјалната единица со соодветна опрема, придружувани од француските експерти и четворица Французи кои работат со специјални дронови со термални камери што можат да откријат и оган кој гори под земја, да ги најдат жешките точки што не се видливи од хеликоптер“, рече Стојанче Ангелов- Директор на Центар за управување на кризи.

Пожарите опустошија илјадници хектари шума, штетите се непроценливи од аспект на природните загуби, велат од Македонски шуми. По направената проценка, ќе следува чистење на теренот и пошумување.

„Се знае каде што е сè изгорено, се оди кон чиста сеча да се отстранат сите остатоци, сè што е изгорено од дрвото кое едноставно не е живо мора да се замени со нови насади и нови површини…“, рече Јулијана Николова- Директорка на Македонски Шуми.

Според првичните проценки, во пожарите изминативе недели во најголем дел изгорела борова шума, но и помали делови со даб и смрека, на површина од 10.000 хектари. Според законските обврски, во наредните две години ќе треба да се пошуми целата изгорена површина, за во наредните од 20 до 50 години таа да се врати во состојбата пред пожарите.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button