ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕГИОН

Бугарски медиуми: Францускиот предлог испратен до Софија

Евентуалното решение треба да содржи гаранции дека во иднина нема да бидеме повторно попречувани во евроинтеграцијата, рече премиерот Димитар Ковачевски коментирајќи го францускиот предлог за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија. Според премиерот, предлогот на Макрон сѐ уште не е усогласен меѓу сите земји-членки на Унијата, па затоа до македонските власти овој предлог досега не е доставен.

„Кога ќе биде подготвен, тој документ ќе биде доставен до нас, доколку нели биде усогласен меѓу сите земји-членки, бидејќи тој треба да биде усогласен и со Република Бугарија и тогаш нормално дека ние ќе ги дадеме нашите забелешки. Јас ги кажав нашите позиции, тие се многу јасно дефинирани во нашето Собрание, до коишто се придржуваме – нема разговори за македонскиот јазик, нема разговори за македонскиот идентитет“, рече Ковачевски.

Според Ковачевски, францускиот предлог е веќе испратен во Софија и сега останува за него да се произнесат бугарските институции.

Инаку, бугарските медиуми објавија дека францсукиот предлог е веќе доставен до комисијата за надворешна политика.

Инаку, од официјална Софија, за разлика од вчера кога францускиот предлог се најавуваше дека ќе стигне секој момент, денеска за него целосен молк. Нема информација ниту дали воопшто стигнал до официјална Софија, ниту кога ќе биде доставен до бугарското собрание – според бугарските медиуми, Петков денеска требаше да го достави до комисијата за надворешна политика.

По дводневната политичка драма во Бугарија, и отсуство од јавноста, денеска се појави и претседателот на Бугарија Румен Радев, кој кажа дека Петков морало да ги брани националните интереси.

„Владата треба да ги расчисти сите сомнежи дека може да отстапи од ветото за Република Северна Македонија. Следната недела премиерот заминува за Брисел и треба да ги заштити националните интереси. И Народното Собрание и Бугарите треба да знаат јасно каков став ќе заземе премиерот и тој не смее да е во спротивност со рамката од Консултативниот совет за безбедност“, рече Радев.

Што точно содржи предлогот на Макрон останува тајна, но според бугарските медиуми предлогот предвидувал и бугарските барања да бидат дел од преговарачката рамка што ќе и биде предложена на земјава. Сепак, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји вели дека во овој момент воопшто и не може да стане збор за преговарачката рамка, поради ситуацијата во Софија, но истовремено се надева дека нема да поминат месеци или години пред Скопје и Тирана да ја одржат меѓувладината конференција.

„Изгледа дека внатрешната политика е способна да го поткопа кредибилитетот на Европската унија. Затоа, во оваа фаза, воопшто не можеме да зборуваме за каква било преговарачка рамка“, изјави Вархеји.

Дел од земјите-членки на Унијата претходно истакнаа дека за нив не е прифатливо билатералните прашања да бидат дел од преговарачката рамка, на што инсистираше Бугарија. Официјална Софија до вторник треба да одговори – дали е прифатлив предлогот од Париз, кога се одржува Советот на општи работи на ЕУ.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button