ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во Струга држат онлајн настава „на диво“, немаат дозвола ни од МОН, ни од општината

Сами на своја рака, основните училишта Браќа Миладиновци и Јосип Броз Тито во Струга, во чии рамки е и подрачното училиште во селото Враништа, донеле одлука за изведување на онлајн настава. Причина е реконструкцијата на двете училишни згради. За онлајн наставата не било консултирано Министерството за образование, туку општинскиот совет. Директорката на училиштето „Јосип Броз Тито“, Лидија Гогоска за Алсат признава дека сами ја донеле ваквата одлука преку училишниот одбор. Министерот за образование Јетон Шаќири вели дека надлежноста за случајот е во раце на локалните власти.

„И во времето на пандемијата за онлајн наставата не одлучуваше Министерството за образование, туку беше донесена одлука на Владата. Во Законот за основно и средно образование основачи на сите образовни институции во земјата се локалната власт, општините… Тие го организираат воспитно-образовниот процес, односно училишните управи, училишните совети и ја информираат соодветната општина“, рече Шаќири.

Но, советниците во Струга денеска одлучија дека немаат надлежност да носат одлука за онлајн настава, туку тоа било надлежност на централната власт.

За сите овие случувања денеска реагираа опозициските партии во Струга. Од Алијанса на Албанците велат дека случајот го покажува лошото управување со основните училишта.

„Овој начин на управување е спротивен на законот бидејќи до денеска нема согласност од МОН“, велат од Алијанса на Албанците – Струга.

„Бидејќи во конкретните училишта директорите спроведуваат онлајн настава за одредени ученици, а за останатите го имаат скратено времетраењето на часовите, спротивно на закон, тие веднаш мора да бидат разрешени и да понесат соодветна одговорност“, рече Ален Деребан-ВМРО-ДПМНЕ – Струга.

Околу 900 основци во Струга и Враништа второто полугодие го почнаа следејќи онлајн настава затоа што наместо за време на зимскиот распуст или на лето, надлежните решија токму сега да им ги реновираат училиштата. Согласно Законот за основно образование онлајн настава може да се организира само при постоење на кризна состојба, епидемија, пандемија или природни непогоди.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button