ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во Струшко учениците „онлајн“, наместо за распустот, школите ги реновираат сега

Наместо во училишните клупи, околу 900 основци од Струга останаа дома и второто полугодие го почнаа следејќи онлајн настава. Наместо за време на зимскиот или на лето, надлежните решија сега да ги реновираат училишните згради на основното училиште Браќа Миладиновци и на училиштето во селото Враништа. Родителите се чудат зошто се реновира сега среде зима и откако веќе заврши зимскиот распуст и децата треба да бидат на настава.

„Навистина ситуацијата е скандалозна. Бев случајно внатре, но не е соодветно време за да се изведуваат работите сега поради фактот што нашите деца губат многу…“

„…Треба да се преземат мерки од страна на Министерство за образование. Има доста празни објекти каде што можат да се однесат децата – Мајски цвет или училиштето Јосип Броз. Втората смета таму е празна. Треба да се најде начин“, реагираат родителите.

Родителите најавуваат состанок со раководството на училиштето и со надзорот на градежните работите. Вака како што се одвиваат работите, сметаат дека цело второ полугодие нивните деца ќе останат пред компјутерите.

„…Она што како родител го побарав вчера како информација е дали за овие активности е запознаен и министерот и дали има согласност од негова страна, но сè уште немам одговор“, вели еден родител.

Директорката на Браќа Миладиновци за Алсат појасни дека одлуката токму сега да се реновира била на министерството за образование. Работите требало да завршат за две недели, но се отворила работа. За состојбата го прашавме и министерот Јетон Шаќири, но одговор не добивме. Инаку, во „Браќа Миладиновци“ онлајн настава сега следат 667 ученици од шесто до деветто одделение, додека учениците од пониските одделение одат на училиште. Во селото Враништа сите 200 ученици се на онлајн настава.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button